Со кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“ Управата за јавни приходи (УЈП) започна активности за да се зголеми пријавувањето приходи и плаќањето данок од физичките лица кои издаваат сместување за краток период преку платформи како „Букинг“, „Ербиенби“, „Трип адвајзор“ или на друг начин. Целта е преку едукација да се намали сивата економија.
Од УЈП сметаат дека граѓаните се веќе свесни за своите обврски кои ги имаат согласно Законот за данок на личен доход, но сепак е потребно континуирано едуцирање и информирање за да се избегнат последици од непочитување на законите, за што казните се до 250 евра, а може да се добие и кривична пријава за затајување данок.
- „Не е цел да Управата да ги казни сите, немаме ние никаква корист од тоа ако сите обврзници ги казниме затоа што не пријавиле нешто. Не ни е целта ни да ги уловиме да бидат казнети сите тие што не пријавуваат. Главната цел на УЈП е подигнување на свеста на граѓаните за почитување на принципот на самооданочување. Значи, целта е секој граѓанин да има лична свест и општествена одговорност сопствената обврска која што законот ја предвидува да ја испочитува. Последиците се нешто што е дополнително и тоа не би сакал ни да го коментирам. Секако дека постојат, но добро е воопшто да не стигнеме до таа ситуација“, вели Ѓорѓи Михаилов, даночен службеник во УЈП.
Рокот за пријавување е најдоцна до 10-ти во месецот за приходите остварени претходниот месец, а данокот треба да се плати до 15-ти. На пример, доколку апартманот се издал на крај на јуни, а закуподавачот ги добил парите во јули, тој треба да поднесе пријава најдоцна до 10 август.
- „Значи 10 дена по истек на месецот во кој што е остварен приходот, без разлика кога е сместувањето направено. Во моментот кога парите ќе пристигнат на сметката на закуподавачот, тогаш настанува обврската за пријавување на плаќање на данок.
Периодов фокус ни е да ги информираме граѓаните дека не само доколку издаваат на домашни лица и на домашен пазар дека имаат обврска да пријават и да платат данок. Не значи дека ако издаваат преку странските платформи дека тие пари се ослободени од пријавување и од плаќање данок“, вели Ѓорѓи Михаилов, даночен службеник во УЈП.
Данокот на личен доход изнесува 10% на бруто приходот, но кога станува збор за издавање на простор, законот предвидува одредени даночни олеснувања, односно признаени трошоци, кои што ја намалуваат даночната основа до дури 15%.
Пријавите задолжително се вршат електронски и токму затоа УЈП објави упатства кои детално ги водат корисниците низ процесот, а секако на располагање за помош се и даночните службеници. За да се пријават приходите потребна е само активна имејл адреса и регистрација на системот е-персонален данок, односно доколку граѓаните веќе креирале профил за скенирање „МојДДВ“, истиот го користат и за оваа намена.
Лани вкупната заработка од приватно сместување за краток престој надминала 13 милиони евра, а УЈП наплатила повеќе од милион евра данок.
Мирјана Јовеска
Б.С.












