Струмичките земјоделци четврти ден протестираат поради ниските откупни цени на ајварката. Велат дека со вакви цени не можат да ги покријат ниту производствените трошоци. На денешниот протест во Струмица се пожалија дека пиперката се откупува по пониски цени од лани. Револтирани се од, како што велат, игнорантскиот однос и на Министерството и на откупувачите.
- „Штетата од невремето беше помала од штетата што ни ја прават откупувачите. Уште некоја година, па продавниците ќе останат празни, нивите ќе ни опустошат. Ако ни се случува ова, самите сме виновни. Со години само меѓусебно зборувавме за своето незадоволство. Сега е време тоа да се смени. Бараме тоа што ни припаѓа“, рече Елена Стојанова, земјоделка.
Струмичките земјоделци денеска добија поддршка од пелагониските сточари. Револтирани што се уште не им се исплатени ланските субвенции, најавија блокада на граничниот премин Меџитлија доколку до крајот на неделава не ја добијат државната помош.
- „Ќе бидеме принудени и ние да најавиме еден генерален штрајк и блокада на граничниот премин Меџитлија, затоа што веќе 22 месеци ќе се сторат неисплатени субвенции и нереална цена на сите откупни земјоделски производи“, вели Тони Петковски, претседател на здружението „Пелагониско Поле“.
Државата на сточарите им должи субвенции по грло добиток за 2025 година, а не им е исплатена ниту премијата за откупеното млеко за шест месеци од лани. Субвенции, велат, нема ниту за оваа година.
- „Поминаа два месеци откако заврши рокот за исплата на субвенции, а ние и натаму остануваме изиграни. Изиграни од тоа што тие си ја тераат политиката по нивно. Нас не нè интересира ребалансот, ако немаат пари, нека си кажат“, рече Борче Бучински, сточар.
- „Најголемата поддршка на оваа Влада беа земјоделците, а испаѓа дека треба да одиме по протести за да можеме да си земеме пари“, рече Никола Вршаковски, сточар.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна од Битола порача дека средствата за сточарите се обезбедени и субвенциите ќе се исплатат по објавувањето на ребалансот на буџетот во „Службен весник“, но обвини и за пријави со нереално производство и најави контроли. Земјоделците, пак, велат дека податоците ги евидентираат откупувачите и подрачните канцеларии на Министерството и порачаа дека, доколку има неправилности, треба таму да се бараат.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.












