Со трактори, автомобили и транспаренти, земјоделците од струмичкиот регион два часа ја блокираа крстосницата кај Робово и побараа повисоки цени за ајварката.
Велат дека понудените 25 денари за килограм пиперка не ги покриваат ниту основните производствени трошоци.
Покрај повисоки откупни цени, бараат гаранција дека навреме ќе им бидат исплатени предадените количини и исплата на заостанатите субвенции. Се пожалија дека годинава дополнително претрпеле штети од поплавите и силното невреме, а трошоците за производство постојано растат.
- Многу е ниска цената. Со 25 денари за килограм не можеме да ги покриеме ниту трошоците. Само за берење плаќаме по пет денари за килограм, а кога ќе ги пресметате репроматеријалите, ѓубривото, прихраната и другите вложувања, речиси ништо не ни останува, вели производител.
- Лани куртовската капија се откупуваше по 40 денари, а годинава и 25 денари им се многу. Тоа е навистина жално. Со вакви цени земјоделците немаат никаква сметка да произведуваат. вели друг производител, вели земјоделец.
Во меѓувреме, од Министерството за земјоделство соопштија дека министерот Борче Серафимовски денеска во Струмица одржал одделни средби со претставници на производителите и на откупувачите на пиперка.
Според Министерството, разговорите ќе продолжат и наредната недела со сопствениците на преработувачките капацитети, а Државниот инспекторат за земјоделство ќе продолжи со контролите на откупните пунктови.
Земјоделците, пак, се категорични дека доколку не се исполнат нивните барања, протестите ќе продолжат и во наредните денови.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.












