НБРМ ги крати годините за отплата на станбените и хипотекарните кредити со цел за да ги заштитат граѓаните од прекумерно задолжување. Експертите сметаат дека мерката е оправдана и нужна поради растот на бројот на кредити.
Од НБРМ информираат дека максималниот рок за отплата на станбените кредити се намалува од 30 на 25 години додека за хипотекарните потрошувачки кредити рокот се спушта од 20 на 15 години. Истовремено се намалува максималниот дозволен однос меѓу месечните отплати на кредитите и приходите на кредитокорисникот за 5 процентни поени – од 50% на 45% за кредитите во денари и од 45% на 40% за кредитите со валутна компонента.
„Целта е превентивно, во услови на здрав и стабилен банкарски систем, да се ограничат ризиците од прекумерно задолжување на домаќинствата и да се придонесе за одржливо кредитирање и финансиска стабилност. Поповолниот третман за граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште останува непроменет“, велат од НБРМ.
Според финансискиот експерт Синиша Наумоски, оваа одлука на НБРМ ќе придонесе за зауздување на прекумерното задолжување поради намалувањето на вкупниот месечен лимит од приходи кој може да се плаќа како рата и можно е да има одреден ефект врз цените на становите.
„Доколку е иста каматната стапка и висината на кредитот остане иста, тоа ќе значи дека имателите нови на ваков тип или кредитобаратели ќе имаат многу покус рок, поголем ануитет и помал износ на расположливи пари кои би ги добиле од тоа кредитирање. Важно е особено да се истакне дека при ваквите одлуки не се опфаќаат оние нови, млади лица, кои што прв пат имаат апликација за купување на сопствен дом. Сево ова очекувам дека ќе придонесе и кон зауздување на прекумерното задолжување но исто така можеби може да се протолкува дека ќе има одреден ефект врз цените на становите“, изјави Проф. д-р Синиша Наумоски, Хајделберг факултет – Генерален менаџер
Минатата година Народна банка усвои мерки кои предвидуваат граѓаните кои купуваат прв стан да добијат станбен кредит од банките и со учество од 10 проценти од вкупната вредност на објектот за живеење додека за сите останати кои подигаат кредит за купување на втор или нареден објект за домување минималното учество се зголеми од 15 на 25 проценти од вредноста на објект за домување.
Мерките не го дадоа посакуваниот резултат а тоа го потврди и извештајот на Народната банка според кој станбените кредити кај населението споредено со минатата година се зголемиле за 16,2 проценти додека потрошувачките скокнале за 12,2 проценти.
Огнен Чанчаревиќ













