Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Решение за камионџиите само со билатерални договори со земји од ЕУ

/

Економија

Сподели преку :

Билатерални договори меѓу државите од Западен Балкан со поединечни членки на ЕУ се единственото решение за проблемите на камионџиите кое може да се постигне на краток рок, порачува директорот на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница Талис Линкаитс, од Жабљак, Црна Гора, каде што учествува на министерска средба за зелената агенда.

Во знак на протест против воведувањето на електронскиот систем за евиденција во земјите од шенген-зоната, камионџиите од Западен Балкан во април ги блокираа границите кон ЕУ.

Директорот на Транспортната заедница, која ги обединува министерствата за транспорт од ЕУ и од Западен Балкан вели дека уште од минатата година бараат решенија и на краток рок и на долг рок, но оти тоа нема да се случи преку ноќ. Од блокирањето на границите сите губат, и тоа не е решение.

  • „Има многу различни предлози на маса, но сè зависи од членките на ЕУ дали ќе се согласат на овие правила. Како што реков, итно или краткорочно решение е да се разговара билатерално со соседните држави или меѓудржавно, кои сакаат да се осигураат камионџиите да добијат долгорочни визи, барем билатерално, за да се овозможи најголемиот дел од трговијата меѓу државите“, вели директорот на Транспортната заедница Талис Линкаитс, кој учествува на Третата министерска средба за зелената агенда на државите од Западен Балкан во Жабљак, Црна Гора.

Камионџиите од Западниот Балкан се противат на правилото според кое може да престојуваат во земјите од ЕУ најмногу 90 во 180 дена, како и сите други туристи. Велат дека не се туристи туку професионалци и оти ако половина време не работат, бизнисот станува неисплатлив.

За 14 септември имаше закажано ново блокирање на границите во Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, но камионџиите го откажаа протестот за да покажат добра волја и разбирање за последиците што би ги предизвикало прекинувањето на синџирот на снабдување со стоки меѓу Западен Балкан и ЕУ.

Очекуваат конечно решение со новата визна стратегија на ЕУ, која треба да биде донесена до крајот на наредната година, но министерот Александар Николоски изјави дека има членки на ЕУ, кои се противат на заедничко решение за сите земји. Земјава веќе склучи билатерални договори со Хрватска, Романија и Швајцарија, а се преговара со Австрија, Германија, Унгарија и Словенија да им издаваат долгорочни визи на превозниците.

Срѓан Стојанчов

Б.С.