Македонските граѓани и компании во август продолжиле да се задолжуваат, а кредитирањето расте значително побрзо од паричната маса и депозитите. Официјалните податоци на НБРМ покажуваат дека годинава споредено со истиот период лани кредитите пораснале за 13,6 проценти додека депозитите во банките за 9 проценти. За разлика од кредитите и депозитите просечната плата за една година се зголемила за 7 проценти.
Според Народната банка, гледано месец за месец вкупните кредити во август пораснале за 0,7 проценти споредено со јули месечно.
Структурата на кредитите покажува дека најголем годишен раст има кај кредитите за компаниите од 15,1 процент додека кај населението кредитите пораснале за 12,3 проценти, односно 2,8 процентни поени помалку од компаниите. Кај граѓаните растот на кредитите се должи и на домувањето а не само на тековната потрошувачка бидејќи бројките покажуваат дека за едно година има раст на бројката на станбеното кредитирање за 16,2 додека потрошувачките кредити се зголемиле за 12,2 проценти. Она што со сигурност се гледа е дека кредитната активност е силна, а најбрзо растат корпоративните и станбените кредити.
Ако се анализираат податоците за депозитите бројките покажуваат дека вкупните депозити во банкарскиот систем во август пораснале за 1,6 проценти на месечно ниво додека на годишно е 9 проценти. Во делот на депозитите растот овој пат се должи на граѓаните кај кои има зголемување за 10,2 проценти на годишно ниво но пад од 0,4 проценти на месечно. Кај компаниите растот на депозитите на годишни ниво е 6,1 проценти наспроти растот на кредитите за 15 проценти.
Поради растот на депозитите не може да се изведе заклучок дека граѓаните и компаниите се во финансиска криза и затоа има двоцифрен раст на кредитите па останува отворено прашањето што го движи кредитниот раст и дали станува збор за економски раст, поголема инвестициона активност кај компаниите, поскапување на недвижностите или растечки финансиски притисок врз компаниите и домаќинствата.
Граѓаните сметаат дека покачувањата на платите и пензиите се недоволени во однос на растот на цените и трошоците за живот а кога станува збор за кредитите велат дека каматните стапки се превисоки за примањата и можностите.
Според Државниот завод за статистика просечната плата во Македонија за една година пораснала за 7,1 процент односно реални 4,7 проценти. Во јули просечната исплатена плата во државата изнесува 48.499 денари нето односно речиси 72.935 денари нето. Најголем скок во платите споредено со лани има во финансискиот и осигурителниот сектор, во секторот за снабдување со вода и управување со отпад и во недвижностите.
Огнен Чанчаревиќ













