По вторпат се прекрои државната каса. И расходите и приходите се кратат за над 86 милиони евра. И додека се стега ременот во буџетот, во меѓувреме државата се задолжи за нови 150 милиони евра. Со новиот ребаланс, планот е до крајот на годината да се приберат вкупно 6 милијарди евра. Расходите, пак, сега се проектираат на 6,8 милиони евра.
Се скрати на капитални инвестиции, од Министерството за животна средина, од управата за извршување на санкции, односно од парите за изградба на објекти во затворскиот систем од финансии. Засега нема да се реализираат и некои плаќања на Министерството за енергетика во странство.
Повеќе пари, пак, доби ФЗО, но и Министерството за социјала. Но, можно е до крајот на годината да има уште една проверка на државната каса.
„Најверојатно ќе има прераспределба некаде во декември, пришто тие средства што не се искористени во тие институции ќе можеме да ги пренамениме таму каде што има потреба, а тоа е од Собранието“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Пред само два дена, пак, падна одлука за ново задолжување од 150 милиони евра преку т.н. мини еврообврзница со каматна стапка од 5,25 отсто за враќање на надворешен долг. Кочоска тврди дека е во рамки на планот и сумата требала да биде поголема, но поради условите на пазарот се одело со помал износ.
„Овие пари ни се потребни камата и главница, каматата е некаде 100 милиони евра за исплата до крајот на годината, 53 до 54 милиони евра некаде е главницата. До крајот на годината се предвидени и други задолжувања во рамки на, не на овој ребаланс туку уште од првиот ребаланс“, додаде министерката Кочоска.
Со новиот ребаланс, дефицитот не се менува. Останува нешто над 750 милиони евра. Најголемиот дел беше потрошен уште во првиот квартал. Неизвесноста од глобалните случувања е голема, но министерката Кочоска не очекува промени ниту кај растот на БДП. Останува на 3,5 проценти, а кај инфлацијата очекувањата се дека ќе биде 3,8 проценти, иако првично беше проектирана многу повисоко. Уверувањата се и дека кај јавниот долг корекции нема да има.
Засега на ценовните проблеми се делува со намалена акциза и ДДВ за дизелот. Во моментов не се разговарало за нови мерки, но и да требаат да се донесат просторот за такво нешто е многу мал.
Ирена Чачкова












