Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун во јуни годинава номинално пораснала за 0,1 отсто, но реално се намалила за 4,2 проценти во однос на истиот месец минатата година. Луѓето потрошиле речиси исто пари во продавниците за храна и пијалаци, но купиле помалку производи.
Помалку пари се трошат и во трговијата на мало со непрехранбени производи, но многу повеќе пари одат на гориво во однос на лани.
Економистот Абил Бауш вели дека Македонија мора да почне повеќе да произведува земјоделски производи и стоки за широка потрошувачка за да може да ги ублажува ценовните удари.
- „Тоа е нормално, вие ако немате куповна моќ и ви се намалува на тие прехранбени производи кои се елементарни, нормално дека ќе имате намалување и на тие непрехранбени производи, затоа што веќе стануваат луксузни стоки. Иако не можеме да ги наречеме така, но тие веќе влегуваат во луксузни стоки и тоа е уште еден аларм на којшто ние треба да пазиме“, вели Бауш.
Статистиката покажува дека трговијата со моторни возила во јуни, во однос на истиот месец лани се намалила за 5,5 отсто, а во трговијата на големо, освен трговија со моторни возила, се потрошени за 11,9 отсто помалку пари од лани.
Во меѓувреме, почна да забавува и инфлацијата. Тоа не значи дека цените паѓаат, туку дека се зголемуваат побавно од претходно.
Бауш вели дека намалувањето на инфлацијата е очекувано, затоа што се намалува во цела Европа и во регионот.
Срѓан Стојанчов
Б.С.












