Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Глобалната економија меѓу предупредувањата на економистите и економскиот оптимизам

/

Економија

Сподели преку :

Есенските средби меѓу Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се одржуваат во Бангкок, а предвидливите предупредувачки пораки од економистите не беа изненадување и не го нагризаа економскиот оптимизам, кој и покрај сите отежнувачки фактори, владее, особено во овој дел од светот.

Глобалната економија е издржлива, но главното предупредување на ММФ е дека наскоро таа издрживост може да биде ставена пред сериозен испит, затоа што таа е веќе во надолна линија под притисок од бројните ризици кои ѝ натежнуваат.

„Беше незамисливо во Европа дека воена сила може да го нападне својот сосед, но се случи тоа. Беше незамисливо дека државите ќе ги употребат своите природни ресурси како средство за притисок да бараат едно, друго или трето, но се случи тоа. Затоа, мора да прифатиме дека светот, кој вреднуваше само една работа: економската ефикасност, без вишоци, се потпиравме на трговијата, се потпиравме едни на други, сега е свет во кој мораат да се земат предвид безбедносните аспекти“, Кристалина Георгиева, управувачка директорка на ММФ.

Меѓународниот монетарен фонд, пред средбите во Бангкок, маргинално ја зголеми прогнозата за раст на глобалната економија, врз основа на подобро од очекуваното справување со последиците од двете војни кои запреа значителен дел од светското снабдување со нафта, благодарение на енергичноста на високотехнолошките пазари и мослкавичниот развој на Вештачката интелигенција и нејзиниот назаситен апетит да привлекува инвестиции.

„Бумот поврзан со Вештачката интелигенција преку инвестициите и тргувањето одигра клучен поттик за глобалниот раст. Но, синџирите на снабдување кај Вештачката интелигенција се тесно концентрирани во неколку држави, сектори и компании, што создава потенцијални тесни грла. Уште повеќе, корекција на пазарната вредност и заканите од Вештачката интелигенција за сајбер безбедноста може да претставува товар врз растот и дополнителни ризици врз финансиската стабилност“, изјави Силвана Тенрејро, директорка на истражувања во ММФ.

Пренасочувањето на синџирите на снабдување преку енергетските пазари за да го надоместат загубеното од затворањето на Ормускиот теснец го ублажи очекуваниот удар од распламтувањето на конфликтот на Блискиот Исток.

„Во Тајланд ние сме увозници на енергија и увезуваме 50% од Блискиот Исток. Затоа, во текот на изминативе седум или осум месеци моравме да бидеме снаодливи. Сега увезуваме енергија од Западно африкански држави и Јужно американски држави. Така функционира тоа. Значи, додека вие градите ѕид, ние градиме мост преку ѕидот“, рече Екнити Нититанпрапас, министер за финансии на Тајланд.

Меѓутоа, пренасочувањето не беше доволно. Државите беа приморани да ослободат огромни количини горива од своите стратешки резерви за да спречат ценовен шок. Но, стратешките резерви сега се испразнети, а високите нивоа на задолженост и дефицитите на многу држави може да го ограничат нивниот капацитет да ги заштитат потрошувачите при идни ценовни скокови.

„Кој е нашиот најсилен апел до креаторите на политики во моментов? Спроведете итна санација на „фискалната куќа“ пред пукнатините да се прошират. Сега е време да се зајакнат приливите, да се рационализира трошењето и да се подобри управувањето со јавните финансии. Кога цените на енергијата и храната ќе растат, заштитете ги луѓето, а не цените. Тоа значи привремена и наменска поддршка за најрансливите, истовремено зачувавајќи ги ценовните сигнали“, додаде Георгиева.

Постојаните покачени цени на нафтата значат дека зголемената инфлација сега се очекува да потрае подолго од претходно предвиденото. Глобалната инфлација се очекува да достигне 4,7 проценти годинава, како што беа проекциите и во претходната прогноза во јули годинава, а догодина да се спушти на 4,1 процент, малку повисоко од претходната прогноза од 4 проценти.

Меѓународниот монетарен фонд апелираше до централните банки да не реагираат претерано при краткорочни скокови на инфлацијата, туку да бидат подготвени брзо да реагираат ако таа започне да се вкоренува.

Во услови на променливи економски околности, флексибилноста е од исклучителна важност, порачува ММФ.

Игор Трајков