Дали превозниците ќе ги блокираат границите по вчерашното јасно „НЕ“ од Брисел на измени на правилото 90/180 ќе зависи од одговорот на дописот кој утре ќе биде испратен до Европската унија. Според информациите на „ТЕЛМА“ регионалното здружение на превозници од Западен Балкан ќе бара појаснување на информациите од образложението на одлуката во делот на билатералните преговори и договори и дали доколку превозникот има долгорочна виза од една држава од шенген зоната ќе важи за сите останати држави од зоната. Доколку одговорот е негативен повеќе од извесно е дека ќе се остварат најавите и ќе се блокираат граничните премини.
Од Брисел велат дека се свесни оти превозниците поради природата на работата мора да престојуваат во Шенген и подолго од 90 дена, но решението засега го гледаат во постојните правила и во билатерални договори со земјите членки. Од Комисијата појаснуваат и дека новиот систем ЕЕС не го вовел ограничувањето, туку овозможува негово попрецизно спроведување.
„Внимателно ја следиме ситуацијата и сме во контакт со нашите партнери во регионот. Свесни сме дека за голем број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници, пристапот до Шенген зоната може да биде неопходен повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите кои се потпираат на висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците на турнеја. Постојат национални правила и постојни билатерални договори, така што постои пат што треба да се следи и да се искористи за да се најдат прагматични решенија според сегашните Шенген правила, на пример, да се аплицира за долгорочни визи, а исто така и за дозволи за престој, или во некои ограничени случаи, исто така, да се сметаат возачите за прекугранични работници“, рече Маркус Ламерт, портпарол на ЕК.
Билатерални договори за долгорочни работни визи на кои инсистира македонската Влада но и Владите од регионот.
„Решението на ова прашање е во две насоки. Прво ЕУ во својата нова визна стратегија ги препозна превозниците како професионалци, тоа беше кажано на прес конференцијата и второто дека единственото решение се билатерални договори за долгорочни работни визи кои ние веќе ги имаме склучено и ги склучуваме. Мислам дека нашите превозници се доволно мудри и дека ќе заеднички ќе работиме и решението веќе го имаме на повидок, имајќи предвид дека со неколку држави вакви долгорочни визи се издаваат“, рече Александар Николовски, министер за транспорт и врски и прв вицепремиер
Превозниците од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина најавија блокади на границите од 14 септември доколку дотогаш не се изнајде решение.
Огнен Чанчаревиќ












