Земјава барем засега не е меѓу оние кои директно ги чувствуваат последиците од сушата врз енергетиката, но домашните експерти со препорака – треба да се внимава. Екстремно високите температури и нискиот водостој на Дунав го отежнаа работењето на централите кои покриваат значаен дел од потребите на струја.
Кај нас оценките се дека ситуацијата за сега е стабилна благодарение на производството од фотоволтаици. Но, експертите предупредуваат дека потрошувачката е зголемена заради високите температури и ако има влошување и се зголеми потребата од извозот на струја во земјите кои се соочуваат со енергетски проблеми тоа може да направи притисок врз цената на енергија.
– Но тоа не треба да ни создава некаква лажна сигурност, треба да се биде внимателен бидејќи доколку продолжи некоја суша ако изостанат оние есенски дождови тогаш можеме и ние да се најдеме во слична ситуација. Во однос на цената на струјата, можно е да се појави некој притисок имајќи ги предвид можностите за извоз кон Србија. Генерално цената се зголемува во јуни, јули и август поради топлотните бранови и зголемената потреба од струја за ладење и за климатизација, вели Виктор Андонов – експерт по енергетски политики.
Од Министерството за енергетика соопштија дека состојбата во земјава е стабилна.
– Во моментов не постојат индикации дека ниските водостои во Европа претставуваат ризик за сигурноста на домашното производство на електрична енергија, велат од енергетика.
И од државната ЕСМ уверуваат дека хидропотенцијалот е стабилен со вкупна исполнетост на акумулациите од 70 отсто, што според компанијата овозможува целосно да се одговори на потребите на универзалниот снабдувач.
Поради нискиот водостој на Дунав, Унгарија беше пред одлука да ја исклучи нуклеарната централа Пакш која обезбедува 40 проценти од вкупното производство. Романија со експлозија во Дунав обезбедува вода за нуклеарката Чернавода. Во Србија пак хидроцентралата Ѓердап никогаш немала помало производство. Со проблеми се соочија и други држави.
Меѓувреме може да се забележи дека цената на струјата на берзите почнува да расте . Па така на домашната берза се движи од 130 до 160 евра за мегават час. Според, анализите просечната базна енергија е повисока од јуни.
Ирена Чачкова













