Две милијарди евра за три месеци. Tолку пари треба да собере државата до крајот на годинава за да се реализираат планираните приходи за 2026 година. Од проектираните 6,1 милијарда евра, досега се собрани 4,2 милијарди евра. Тоа значи дека во последниот квартал, државата треба да прибере речиси една третина од вкупно планираните приходи. Иако премиерот Мицкоски кажа дека поради воведените мерки, намаленото ДДВ за дизелот, но и акцизата за горивата, можно е до крајот на годината да недостигаат нешто над 100 милион евра, даночните експерти очекуваат касата дека ќе се наполни.
„Искуството покажува дека во последните два месеца, ноември и декември, дека просечните приходи се над 30 отсто од оние во останатите месеци. Јас очекувам дека ќе се доближиме до 2 милијарди евра собрани. Ако не се соберат во буџетот, нели, нема да се исполнат некој обврски, некој ќе настрада буквално во таа ситуација, но ќе видиме“, смета Славко Лазовски, даночен експерт.
Според, експертите вообичаено најтешко се собираат локалните даноци.
„Собирањето на локалните даноци ни е ахилова пета во оваа држава, но главен виновник е не добрата даночна регулатива. Таа ни е една од најлошите даночни регулативи. Дури и околните земји далеку отидоа со нивната регулатива за локалните даноци, а ние тука заостануваме и не е од пред 30, туку од пред 50 години“, додава Лазовски.
Неговите проценки се дека државата има капацитет да собере многу повеќе пари од даноци и да се скрои многу поголем буџет, со образложение дека на надлежните им е многу полесно да функционираат со помала каса. Но, за да се направи тоа, треба да се поведе сметка за сивата економија, проблем за кој се зборува со години.
До крајот на годинава остануваат уште три месеци, но за трошење нешто над 100 милиони евра, а неизвесноста од глобалните случувања сè уште е голема. Па, така и министерката за финансии и премиерот веќе најавија дека е можен уште еден ребаланс на буџетот, но за сега нема многу детали околу евентуално ново прекројување на државната каса.
Ирена Чачкова












