Државата се задолжува на домашниот пазар со нова емисија државни обврзници. Станува збор за 3-годишни и 15-годишни обврзници во вкупна вредност над 41 милион евра, за кои каматата изнесува од 4,35 до 5,20%.
За власта станува збор за редовно сервисирање на обврските, а опозицијата го толкува потегот како ново задолжување.
Од Министерството за финансии појаснуваат дека станува збор за задолжување на домашниот пазар кое што веќе е предвидено во буџетскиот план и емисијата на овие обврзници е однапред испланирана за на 28 јули. Со оглед на тоа што се потребни неколку дена додека се испроцесира котацијата на државните обврзници, тие од денеска се достапни за тргување на Официјалниот пазар на Македонска берза.
Од Министерството за финансии информираа и дека државниот буџет е во добра кондиција – приходите се прибираат подобро од лани, а обврските редовно се сервисираат. Заклучно со јули, собрани се скоро 54% од планираните приходи и сервисирани се над 55% од расходите.
–Исто така, извршена е исплата на 49,351 милијарда денари обврски по основ на стари долгови на странскиот пазар, како и 11,665 милијарди денари отплати кон домашни кредитори, пишува во соопштението на Министерството за финансии.
Од опозициската СДСМ велат дека иако приходите растат, државата нема пари па излезе на берза за ново задолжување.
–Растат приходите во буџетот, ама буџетот нема пари. Затоа се задолжуваат. Затоа излегуваат со обврзници. Затоа продаваат статистика додека фрижидерите се празни, велат од СДСМ.
Следното задолжување со обврзници е планирано за на 18 август бидејќи овој месец за исплата достасуваат државни хартии од вредност во износ над 33 милиони евра.
Мирјана Јовеска












