Цените на нафтата денеска пораснаа по објавата на условите што ги постави Иран за повторно отворање на Ормускиот Теснец кои предизвикаа загриженост дека нарушувањата на глобалните енергетски пазари би можеле да продолжат подолг период.
Цената на референтната северноморска нафта „Брент“ се зголеми за 1,09 отсто, на 84,46 долари за барел, додека американската нафта „Вест Тексас интермедијат“ (ВТИ) поскапе за 0,84 отсто, на 78,84 долари за барел.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека стратешкиот поморски пат нема да биде повторно отворен додека Вашингтон не ги исполни условите, меѓу кои се ублажување на санкциите и исплата на воени репарации. Тој, исто така, посочи дека Техеран во моментов нема директни разговори со САД, и покрај тврдењата од Вашингтон дека договорот е близу.
„Ормускиот Теснец и натаму е практично затворен“, соопшти „Вестпак“, додавајќи дека неизвесноста останува висока додека војната меѓу Иран и САД влегува во својот шести месец.
И покрај нестабилноста на енергетскиот пазар, азиските берзи пораснаа. Јапонскиот индекс „Никеи 225“ се зголеми за 2,1 отсто, јужнокорејскиот „Коспи“ порасна за 0,7 отсто, а хонгконшкиот „Ханг Сенг“ бележи раст од 0,6 отсто.












