На повеќе од три месеци до крајот на годината, планираниот буџетскиот дефицит е веќе потрошен. Алатката фискален бројач на Министерството за финансии покажува дека заклучно со 18 септември, во буџетот биле прибрани над 250 милијарди денари, но биле потрошени 296 милијарди денари, односно направен е буџетски дефицит од над 46 милијарди денари.
Според ребалансот на буџетот од пред два месеци, буџетскиот дефицит беше проектиран на 46,26 милијарди денари, односно 4,1 отсто од БДП. Тоа значи дека за до крајот на годината остануваат уште 248 милиони денари, односно околу 4 милиони евра. Досега се потрошени 748 милиони евра повеќе отколку што се прибрани во државната каса.
За да се оствари планираното, државата треба до крајот на годинава да не троши повеќе од што прибира. Сепак, економистите велат дека тоа е тешко остварливо. Ќе се крати на капитални инвестиции и да се стегне ременот на други места, но ќе мора да се оди и на нови задолжувања и проширување на буџетскиот дефицит. Јавниот долг ќе ја пробие границата од 60 отсто од БДП, вели професор Марјан Петрески.
„Интензивираното извршување на капиталните инвестиции, мислам исплатата којашто државата ја направи за голем инфраструктурен проект, автопатот којшто го гради Бехтел и Енка. Во такви околности, тоа објаснува зошто предвидениот буџетскиот дефицит е во целост истрошен и упатува на тоа дека ребаланс на буџетот станува неизбежен во моментот, односно во периодот којшто претстои со цел да ги задоволи во целост предвидените буџетски потреби до крајот на годината, особено ако се има предвид дека извршувањето на буџетот, посебно во делот на капиталните расходи, се интензивира во ноември и во декември, значи на крајот на годината“, вели професор Марјан Петрески.
Во Министерството за финансии велат дека буџетот се реализира согласно планираното и оти остануваат на определбата за фискална консолидација на среден рок.
„Во однос на реализацијата на буџетскиот дефицит укажуваме дека најрелевантен податок за нивото на реализација се податоците од извршувањето на Буџетот на последниот ден од месецот, бидејќи во текот на месецот има утврдена динамика на приливи на даночни приходи и утврдена динамика на реализација на обврски. При тоа упатуваме на податокот од 31 август кога буџетскиот дефицит изнесуваше 38.280 милиони денари или 82,74% од проекцијата за 2026 година“, велат во Министерството за финансии.
Со ребалансот на буџетот од јули годинава капиталните инвестиции се зголемија за 94 милиони евра, а буџетската дупка се продлабочи за 110 милиони евра, но до крајот на септември веќе и таа е остварена. По исплатата на трошоците за Бехтел и Енка, во првите три месеци од годинава беше исполнет дефицит од 400 милиони евра, па во наредните 6 месеци се трошеше со послаба динамика.
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека на 3 месеци до крајот на годинава, се потрошени 24 од предвидените 46 милијарди денари за капитални инвестиции. Сепак, големите трошоци се обично на крајот на годината.
Министерката за финансии пред неколку дена рече дека поради мерките за намалување на цените на горивата се намалуваат приходите од акцизи и оти се анализира дали се оди со нов ребаланс или само со пренамена.
Срѓан Стојанчев












