Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Брзиот автобуски превоз повторно во фокус на јавноста

/

Економија

Сподели преку :

Брзиот автобуски превоз – БРТ повторно во фокус на јавноста по пуштањето на една од најавените линии на градскиот воз и интензивирањето на активностите за обновување на возниот парк на ЈСП.

По најавите од градските власти дека се разгледува функционално решение во сечиј интерес, што ќе го зачува средишното зеленило на булеварите така што автобуските коридори би се поставиле странично, а би се додале уште две траси, опозицијата им порача да не се китат со туѓи перја.

„Да бидеме на јасно: БРТ е визија, идеја и проект на СДСМ. Ние го изработивме и го започнавме како рационално решение за спас на Скопје и Скопјани од сообраќајниот колапс. Ние никогаш нема да бидеме против реализацијата на БРТ. Но, ние сме згрозени од ова политичко лицемерие.
Кога лажевте? Дали кога пет години го блокиравте БРТ по секоја цена за политичка штета, или денес кога наеднаш овој проект стана совршено и квалитетно решение само затоа што вие сте на власт?“, изјави Александар Давчевски од СДСМ.

Во меѓувреме, течат роковите за испорака на новите 150 електрични автобуси, од кои 100 се наменети за главниот град.

Градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека град Скопје паралелно ги подготвува трасите и инфраструктурата за полначите, со цел автобусите да можат да се користат веднаш по пристигнувањето.

И додека Европа го мери растот на автобускиот и железничкиот транспорт, Македонија запишува поразителни бројки во графите на јавниот превоз.

Во рамки на ЕУ расте воздушниот, железничкиот и автобускиот превоз. Во 2024 година возовите ги надминаа автобусите и нивниот удел во вкупниот превоз во ЕУ е 7,5 отсто. Железницата најмногу се користи во Унгарија, Австрија и Холандија, а автобусите во Малта, Ирска и Унгарија.

Во Македонија, пак, сосема поинаква слика. Истражувањете на Центарот за граѓански комуникации покажа дека за една деценија бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП е намален за дури 58 проценти, од 52 на 22 милиони патници годишно.

Кај железничкиот превоз негативата е уште поалармантна. Падот изнесува 73 проценти, или од 660 илјади патници во 2016 до помалку од 180 илјади граѓани кои лани се качиле на воз.

Мирјана Јовеска

 

Jumbo 2