Податоците за сите истражувачи кои вршат научно‑истражувачка работа отсега ќе бидат достапни на новиот јавен портал е‑наука, единствена национална електронска база на податоци од ваков тип.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, на денешната промоција рече дека порталот e-nauka.mon.gov.mk ги покажува истражувачите, научно-истражувачките организации, како и статистиките и индикаторите за истражувачите.
Тој е поврзан и со глобалните бази на истражувачки резултати Web of Science, Scopus и Google Scholar, со што овозможува прикажување на индикатори, резултати, цитираност и h – индекс.
Досега се регистрирале 229 истражувачи. За секој од нив е прикажано формалното образование, вработувањето, научното звање, установата или факултетот кадешто работи, научното поле каде истражува, односно научно истражувачка идентификација, како и индикатори и резултати од застапеност во трите глобални научни бази – Scopus, Web of Science и Google Schoolar.
Преку е-наука, истражувачите добиваат можност за поедноставно поврзување со индустријата.
„Преку напредни пребарувања, бизнисите сега можат да идентификуваат кој научник или истражувач се занимава со областа што им е од интерес, а тоа поттикнува нови партнерства, го претвора знаењето во економска вредност и ги забрзува иновациите“, појасни министерката Јаневска.
Порталот е-наука е достапен и за меѓународните универзитети, глобалните истражувачки конзорциуми и мултинационалните центри за истражување и развој, што создава шанси за повеќе заеднички апликации за грантови, коавторства на трудови со големо влијание и зајакнување на позицијата на нашите научници во глобални рамки.













