Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Од Дабиље до светските сцени: пет години „Струмица Класика“ – репортажа на Телма

/

Македонија

Сподели преку :

Во секоја голема приказна постои едно мало место од кое започнува сè. За професорот и обоист Васил Атанасов тоа место е струмичкото село Дабиље. Во семејство каде музиката не била професија, туку начин на живеење, првите мелодии ги слушал уште како дете – од гласот на својата мајка, од инструментите на своите браќа и од богатата музичка традиција што се пренесувала од генерација на генерација.

Токму таму се родила љубовта што подоцна ќе го однесе на најголемите концертни сцени, но и повторно ќе го врати дома.

Повеќе од пет децении исполнети со концерти, педагошка работа и создавање нови генерации музичари му донеле богато искуство и меѓународен углед. Но, за Атанасов успехот никогаш не значел само лична кариера.

Со годините созревала и желбата стекнатото знаење да му го врати на градот во кој започнала неговата приказна.

РАЃАЊЕТО НА ФЕСТИВАЛОТ

Така, пред пет години, се роди Струмица Класика Интернационален Фестивал.

Со идеја класичната музика да стане достапна за секого, а Струмица да стане место каде ќе се среќаваат различни музички школи, генерации и култури, фестивалот постепено прерасна во препознатлив културен настан.

Во изминатите години на неговите сцени настапија врвни домашни и странски уметници, камерни ансамбли и млади таленти, носејќи нова енергија и нова публика.

Секој концерт е ново запознавање меѓу уметникот и публиката.

Но токму преку ваквите средби класичната музика престанува да биде далечна и станува блиска, разбирлива и жива.

Фестивалот не создава само концерти. Создава публика што учи да слуша, да препознава и да ужива во различните музички бои.

Во текот на петте фестивалски изданија, Струмица стана место каде се среќаваат музичари од различни земји.

Еден од годинашните гости е брачниот и уметнички тандем Ана и Александар Коловски.

Нивната приказна започнала на концертна турнеја, а денес продолжува на сцените ширум Европа, каде заедно покажуваат дека хармониката одамна ги надминала границите на традиционалната музика.

За нив, различностите не се пречка, туку предност.

Комбинирајќи различни музички стилови и различни звучни можности на инструментите, тие создаваат програма што еднакво ја разбираат и љубителите на класиката и оние што првпат седнуваат во концертна сала.

Иако многумина хармониката ја поврзуваат со народната традиција, современата концертна сцена одамна ѝ даде ново место.

Денес таа е дел од најреномираните концертни сали, камерни ансамбли и симфониски оркестри.

Нејзиниот звук може да биде истовремено нежен, моќен и оркестарски богат.

Хармониката е прилично голем инструмент, па изведувачките како Ана Коловска се реткост не само во Македонија, туку  и во Русија.

За еден музичар, фестивалот не е само концерт.

Тоа е можност за нови средби, нови искуства, размена на идеи и инспирација.

Во многу европски градови токму ваквите фестивали со години создаваат верна публика и нови генерации љубители на класичната музика.

Истата амбиција ја има и Струмица.

Но можеби најголемата вредност на фестивалот не се само концертите.

Таа е можноста младите музичари од Македонија да ги запознаат своите идоли без да ја напуштат земјата.

Да слушнат различни интерпретации.

Да научат нешто ново.

Да сфатат дека уметноста нема граници.

Фестивалот станува училница без ѕидови – место каде искуството се пренесува непосредно, од сцена до сцена, од концерт до концерт.

Пет години не се долг период во животот на еден фестивал.

Но се доволни за да се создаде традиција.

Доволни за да се изгради доверба кај публиката.

Доволни за Струмица повторно да се препознае како град што ја живее музиката.

А кога љубовта кон музиката започнува дома, а продолжува да се споделува со светот, тогаш секое ново издание е повеќе од фестивал.

Тоа е враќање кон корените и отворање нов простор за идните генерации македонски уметници.

Сузана Мицева

 

Jumbo 2