Денес стоиме пред историјатa на еден народ кој низ вековите поминал низ премногу искушенија, премногу неправди, премрежија, но никогаш не се откажал од своето право да биде слободен, да биде свој, да има сопствен дом и сопствена држава – порача претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на народното востание – 11 Октомври, која се одржува на Спомен-костурницата во Куманово под слоганот „Идеали што градат иднина“.
„Пред точно 85 години, во темнината на една октомвриска ноќ, се случи нешто што засекогаш го промени текот на македонската историја. Во Прилеп, и Куманово започна организираното востание против фашистичкиот окупатор. Востание кое прерасна во голема народноослободителна борба, во која илјадници наши предци ги положија своите животи за слободата што денес ја живееме“, рече Мицкоски.
Државата, рече тој, е поголема приказна „од сите кусогледни и лични интереси“.
Во обраќањето на свечената академија Мицкоски порача дека е „доста од мали амбиции и изгубени можности“ и дека „Македонија предолго се задоволувала со просечност“.
Што се однесува до отвореното прашање со нашиот источен сосед, ние не бараме светот да се прилагодува на нас. Ние бараме да бидеме третирани со иста почит со која ние ги третираме другите – додаде Мицкоски во денешното обраќање.
Тој меѓу дртугото потернцира дека на 11 Октомври не се одлучувало само како ќе се живее утре, туку како што истакна, се одлучувало и дали идните генерации ќе имаат право сами да одлучуваат за својата судбина.
„Со Бугарија нè поврзуваат соседството, историјата и иднината на овој регион. За минатото можеме да имаме различни толкувања. За иднината мора да имаме заедничка одговорност – да изградиме односи во кои никој нема да мора да го негира другиот за да го потврди себеси. Нашиот јазик не е пречка за европската иднина. Тој е дел од европското културно богатство. Нашиот идентитет не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува. Не бараме Европа да избира меѓу Македонија и Бугарија. Бараме европските принципи да важат еднакво и за Македонија и за Бугарија. Не сакам генерациите што доаѓаат да ја наследат нашата недоверба. Сакам да ја наследат нашата храброст да ги решаваме проблемите“, рече премиерот Мицкоски.













