Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Ќе се испитува случајот со бремената жена која го загуби плодот по трауматично искуство во болници

/

Македонија

Сподели преку :

Државниот здравствен инспекторат ќе го испитува работењето на здравствените установи каде била лекувана бремена жена, која го загубила плодот. Медицинската сестра Љубица Шавреска, преку Фејсбук статус раскажува која голгота ја преживеала како пациентка, која одејќи од една во друга клиника го загубила своето бебе. Таа раскажува дека со болки во 24-та гестациска недела од бременоста  среде ноќ се јавила во болница во Охрид, потоа во Струга, за на крај со влошена здравствена состојба да биде препратена на Клиника во Скопје. Нејзиното лекување заврши со губење на плодот во една од приватните клиники, но таа го обвинува системот дека придонел загубата да биде потешка. Пишува за несоодветно функционирање на здравствениот систем, обраќајќи се директно до министерот за здравство.

„Заврши мојата бременост. Но, начинот на кој се однесуваше системот придонесе оваа загуба да биде многу потешка и многу потрауматична отколку што мораше да биде. Не барам сожалување. Не барам ниту одмазда. Нема да ги тужам. Но имам право да зборувам. И имам право да прашам: Дали вака треба да изгледа здравството во кое десет години и самата јас служам? Дали една бремена жена мора да крвари, да трпи неподносливи болки и да моли за помош за некој да ја сфати сериозно?“, Фејсбук статус на Љубица Шавреска

Откако статусот на Шавреска стана вирален на социјалните мрежи, се огласи и Министерството за здравство.

„Свесни за тежината на искуството на пациентката и со цел целосно и објективно да се утврдат сите околности, Министерството веднаш иницираше барање до Државниот санитарен и здравствен инспекторат за спроведување надзор над постапувањето на здравствените установи и медицинскиот персонал вклучени во случајот. По спроведениот вонреден инспекциски надзор од страна на ДСЗИ, Министерството за здравство ќе формира комисија за стручен надзор над работата на здравствените работници кои учествувале во лекувањето на пациентката.“соопштија од Министерство за здравство

Од министерството наведуваат и дека ако се утврдат евентуални пропусти, ќе постапат според законите. Шавреска пак својот статус на Фејсбук го завршува со зборовите дека бара систем во кој никој нема да мора да бара привилегија за да биде спасен. Зашто зад секој пациент стои човек. Зад секоја трудница стои мајка. А зад секоја бременост стои еден цел свет, пишува Шавреска.

 Тамара Марковска

Jumbo 2