Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Изложбата на Наташа – Лени Гелева во слава на животот и со почит кон починатите чинители на независната сцена

/

Култура

Сподели преку :

Културно- информативниот центар -Скопје сношти беше локацијата каде се собра кремот на културната сцена од нашиот главниот град. Поводот беше изложбата на фотографии на Наташа- Лени Гелева, насловена „ 20 години архива на независната културна сцена“.  Распоредена во салоните Империјал 1 и 2, изложбата е документ за културниот живот во Македонија од 2006 до 2026 година, кој што Гелева како фотографка ,нештедејќи време, енергија и пари го овековечила, често работејќи и пробоно.  Различни поводи се фатени во објективот на нејзиниот апарат. Од изложби, преку фестивали и концерти на домашни и странски изведувачи до разни манифестации и протести против полициската бруталност.

 

Она што ја прави исклучително вредна изложбата, се емоциите кои што извираат од фотографиите. Колку полни со животна енергија од чинителите на независна културна сцена, толку будат и тага поради сознанието дека поминале две децении во кои многу важни луѓе како Хинки, Мирко Попов, Влатче, Лора и Иван Илиев- Бано, повеќе не се со нас. Но, изложбата го доволува и креативниот потенцијал и творби на младите генерации уметници кои сега стасуваат на независната сцена и ќе бидат нејзината иднина. А, тоа е доказ за жилавоста и силата на опстојот на оваа сцена, во која што средствата се секогаш недоволни, често и просторот за работа е неизвесен, но творењето е ослободено од други видови ограничувања и притисоци.

Прикажаните фотографии, испечатени на пластифицирана фолија и поставени како инсталации во двата салони, а не стандардно во рамки на ѕидовите, концептуално соодветствуваат со темата на изложбата и со изворите од каде што потекнуваат. Одлично е што за секоја од нив има легенда, а обележани се и години кога се случувале настаните. Но, тоа не е сѐ што фотографката Гелева има архивирано. Практично, изложбата прикажува селектиран материјал кој што таа го има во дигитален формат. Со оглед на нејзината долгогодишна фотографска дејност што започнала од 1999 година, за аналогно снимените и развиени фотографии од периодот 1999-2006 останува да се надеваме на можна следна изложба. А, за оваа изложба што ќе биде отворена до 28 октомври, авторката соработуваше со кустосот од МСУ, Владимир Јанчевски.

„ 20 години архива на независната сцена“ не е сѐ што ќе ни понуди Лени на оваа тема, овој месец. На 20 октомври ќе биде промовирана монографија, во која дел од фотографиите се разликуваат од поставените на изложбата. Увидот во тој материјал , селектиран во соработка со Катерина Шекутковска од издавачката куќа и кафе- книжарница „ Илика“, заедно со постената изложба на колор и црно – бели фотографии, ќе дадат комплетен приказ на творечката посветеност на авторката кон содржините од нашата независна културна сцена. Со неа се легитимира Лени, но и мојата маленкост.

Сотир Трајков