Португалскиот стратег Жозе Мурињо денеска официјално беше претставен како нов тренер на Реал Мадрид. Тој во присуство на претседателот Флорентино Перез потпиша договор со важност до јуни 2029 година. Наместо класичен спектакл, промоцијата помина во подискретна атмосфера во клупските простории.
Мурињо веднаш испрати емотивна порака до навивачите на „кралевите“:
„Како да се вратив дома. Чувството е уште подобро од првиот пат кога дојдов овде. Тогаш, во 2010 година, тоа беше чувство дека како тренер стигнав до самиот врв. Сега, ова враќање е многу поемотивно и поафективно. Јас сум еден од вас. Секогаш бев тоа, уште од денот кога заминав.“
Ова е втор мандат на „Специјалниот“ на клупата на кралскиот клуб. Во својот прв престој (2010–2013), тој успеа да ја прекине доминацијата на Барселона и ја освои историската титула во Ла Лига со рекордни 100 бода и 121 гол во сезоната 2011/12.
Покрај тоа, со Реал стигна до трофеите во Купот на Кралот и Суперкупот на Шпанија, како и до три последователни полуфиналиња во Лигата на шампионите, враќајќи го клубот во самиот европски крем.
Сега пред Португалецот е нов предизвик – да го предводи супер-тимот на Реал предводен од Мбапе, Белингем и Винисиус кон нови европски и домашни успеси.