Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Вардар се враќа во Лигата на шампиони, прв тест шампионот на Европската лига 

/

Ракомет

Сподели преку :

Вардар вечерва се враќа во ракометната Лига на шампионите. Македонскиот првак од 20:45 часот гостува кај бундеслигашот Мелсунген, кој дебитира во европската елита.

Вардар и Мелсунген одлично се познаваат, бидејќи во претходните две сезони четири пати играа меѓусебно во Европската лига. Минатата сезона „црвено-црните“ беа подобри во двете пресметки од главната фаза, со 37-33 во Скопје и 34-25 во Германија. Сепак, Мелсунген подоцна стигна до трофејот во натпреварувањето, додека Вардар беше елиминиран од Монпелје во четвртфиналето.

Една сезона претходно двата тима забележаа по една победа во групната фаза, па вкупниот меѓусебен скор е 3-1 во корист на Вардар.

Двата клуба се поврзани и на поинаков начин. Тренер на германскиот состав е Роберто Гарсија Парондо, кој го предводеше Вардар до титулата во Лигата на шампионите во 2019 година, втора за клубот во неговата историја. Дел од Мелсунген е и Даинис Криштопанс, еден од клучните ракометари во тогашниот шампионски состав на „црвено-црните“.

Голем хендикеп за македонскиот првак вечерва ќе биде неиграњето на Урош Митровиќ. Српскиот бек е суспендиран на четири европски натпревари по директниот црвен и синиот картон добиени на реваншот со Монпелје во четвртфиналето на Европската лига минатата сезона.

Тренерот Иван Чупиќ потенцира дека Вардар има проблеми со ростерот и дека Мелсунген е фаворит, но најави максимална борба. Хрватскиот стратег очекува сосема поинаков натпревар од ланските пресметки во Европската лига, бидејќи и двата тима влегуваат во новата сезона со изменети состави и поинакви амбиции.

ФОТО: РК Вардар