Вардар го заврши настапот во европските купови, откако по голема драма и продолженија загуби со 5-2 на гостувањето кај Рига во реваншот од второто квалификациско коло во Конференциската лига. Летонскиот тим се пласира понатаму со вкупен резултат 8-4.
„Црвено-црните“ беа на чекор до голем подвиг, иако речиси целиот натпревар го одиграа со фудбалер помалку. Давид Бабунски во 17-тата минута го доведе Вардар во водство, но само две минути подоцна Филип Најдовски заработи директен црвен картон.
И покрај бројчената негатива, Азер Омерагиќ во 66-тата минута зголеми на 2-0 и во тој момент Вардар имаше резултат што го носеше во следната рунда. Скопскиот тим долго одолеваше на нападите на домаќинот, но Абдулрахман Таиво во 87-мата минута намали на 1-2 и го израмни вкупниот резултат, па натпреварот влезе во продолженија.
Исцрпените вардарци не успеаја да го издржат дополнителниот половина час. Раки Ауани израмни на 2-2 во 92-та минута, а потоа за Рига погодија и Јаго Сикеира, Реџиналдо Рамирес и Кајо Фереира за конечни 5-2.
Вардар така ја заврши европската авантура со четири драматични натпревари. Македонскиот шампион претходно беше елиминиран од КуПС во Лигата на шампионите, а потоа не успеа да ја мине ниту Рига во Конференциската лига.












