На мастерс тенискиот турнир во Синсинати утринава се комплетираше второто коло во машка и женска конкуренција. Победникот на минатонеделниот мастерс во Монтреал, Бен Шелтон, испадна уште на првиот меч, додека кај тенисерките немаше поголеми изненадувања.
Португалскиот квалификант Жаим Фариа го шокираше домашниот фаворит Шелтон во два сета со 6-4 и 6-4. За Фариа тоа беше прва победа во кариерата против тенисер од ТОП 10 на АТП-листата.
Второто коло го мина Данил Медведев по триумфот над Марко Трунгелити од Аргентина. Феликс Оже-Алијасим немаше проблеми против Стефанос Циципас и славеше во два сета, а Лоренцо Музети, исто така без загубен сет, го совлада Даниел Алтмајер. Каспер Руд го предаде мечот против Кристофер О’Конел, а место во третото коло обезбедија и Жоао Фонсека, Тејлор Фриц, Андреј Рубљов, Франсес Тиафо и Брендон Накашима.
На женскиот дел од турнирот, првата носителка Арина Сабаленка ја победи Талија Гибсон со 6-2 и 7-6. Втората носителка Елена Рибакина ја совлада Тејлор Таунзенд со 6-3 и 6-4, додека Ига Швјонтек беше убедлива против Емилијана Аранго со 6-3 и 6-0. Коко Гоф во третото коло се пласира со пресврт против Људмила Самсонова со 2-6, 6-4 и 6-1.
Во следната рунда се пласираа и Мира Андреева, Елина Свитолина, Марта Костјук, Медисон Кијс, Дона Векиќ и Екатерина Александрова.












