Премиер лигата повторно покажа кој владее со европскиот трансфер-пазар. Англиските клубови летово поставија нов рекорд во трошењето, а дури девет од десетте најскапи трансфери во Европа се направени од клубови од англиската елита. Единствениот што ја наруши нивната доминација е Реал Мадрид.
Летниот преоден рок заврши синоќа на полноќ, а најмногу трошеа клубовите од Премиер-лигата, кои за нови фудбалери издвоија речиси четири милијарди евра.
На врвот на листата е Манчестер сити, кој воедно беше и најголемиот потрошувач во Европа ова лето, со вложени околу 526 милиони евра за нови фудбалери. „Граѓаните“ на последниот ден од преодниот рок го доведоа Енцо Фернандез од Челси за околу 145 милиони евра, што е најголемиот трансфер во летниот преоден рок. Аргентинецот воедно стана првиот фудбалер во историјата кој двапати бил продаден за повеќе од 100 милиони фунти.
Веднаш зад него е Морган Роџерс, за кого Челси ѝ плати на Астон вила околу 138 милиони евра, додека Манчестер сити за Елиот Андерсон издвои околу 135 милиони.
Ливерпул го купи Бредли Баркола од Пари Сен Жермен за околу 125 милиони евра, а идентична сума издвои и Реал Мадрид за Јан Диоманде од Лајпциг.
Токму трансферот на Диоманде најдобро ја покажува доминацијата на Англичаните. Реал Мадрид е единствениот клуб надвор од Премиер-лигата со засилување меѓу десетте најскапи ова лето.
Во топ-10 се уште Сандро Тонали и Матеус Фернандеш, кои пристигнаа во Тотенхем, Ајуб Буади во Манчестер сити, Савињо во Тотенхем и Бруно Гимараеш во Арсенал.
Англиската доминација ја прекинува и еден голем трансфер во Италија. Милан изненади со ангажманот на португалскиот напаѓач Гонсало Рамос од ПСЖ за 74 милиони евра плус бонуси.
Рамос беше најскапото засилување на еден клуб од Серија А ова лето, а воедно стана и најскапиот фудбалер во историјата на Милан, надминувајќи ги сумите што „росонерите“ во минатото ги плаќаа за Рафаел Леао, Леонардо Бонучи и Руи Коста.
Во останатите најсилни европски лиги сумите беа далеку поскромни. Во Бундеслигата најскапите трансфери беа на Баерн Минхен, кој за Исмаел Саибари и Натаниел Браун плати по 50 милиони евра. Во француската Лига 1 рекордер летово е Пари Сен Жермен, кој го доведе Мика Годтс од Ајакс за околу 55 милиони евра, со вклучени бонуси.
НАЈСКАПИ 10 ТРАНСФЕРИ – ЛЕТО 2026
- Енцо Фернандез
Челси → Манчестер с. – 145 милиони евра - Морган Роџерс
Астон вила → Челси – 138 милиони евра - Елиот Андерсон
Нотингем форест → Манчестер с. – 135 милиони евра - Бредли Баркола
ПСЖ → Ливерпул – 125 милиони евра - Јан Диоманде
Лајпциг → Реал Мадрид – 125 милиони евра - Сандро Тонали
Њукасл → Тотенхем – 108 милиони евра - Матеус Фернандеш
Вест Хем → Тотенхем – 99 милиони евра - Ајуб Буади
Лил → Манчестер с. – 95 милиони евра - Савињо
Манчестер с. → Тотенхем – 87,7 милиони евра - Бруно Гимараеш
Њукасл → Арсенал – 87,5 милиони евра












