Миодраг Божовиќ – Гроф е нов тренер на Вардар. Искусниот црногорски стратег потпиша договор со актуелниот македонски шампион до јуни 2028 година и го презема тимот по лошиот почеток на сезоната.
Божовиќ доаѓа на клупата на Вардар по заминувањето на Кристијан Фабијани, со кого клубот се раздели по серијата разочарувачки резултати во Европа и домашниот пораз од Шкендија со 0-2. Во преодниот период екипата ја водеше Матија Мирков.
Новиот тренер презема состав кој по пет одиграни кола во македонското првенство има само две победи и веќе заостанува осум бода зад лидерот Шкендија.
Божовиќ има богато искуство, особено од рускиот фудбал, а најголемите успеси во кариерата му се шампионската титула со Црвена звезда во Србија и Купот на Русија освоен со Ростов.
„Гроф“ сега има за задача да го стабилизира македонскиот шампион и да го врати Вардар во трката за титулата.












