Македонската фудбалска репрезентација со убедлив пораз го почна настапот во Б-дивизијата од Лигата на нации. Швајцарија вечерва славеше со 3-0 на Националната арена „Тодор Проески“, во натпревар во кој гостите целосно доминираа.
Швајцарците уште од почетокот го презедоа поседот и создаваа шанси пред голот на Столе Димитриевски. Отпорот на Македонија траеше до 22. минута, кога по асистенција на Зеки Амдуни, Ремо Фројлер погоди за 0-1. Гостите продолжија со нападите, Дан Ндоје ја погоди стативата, а Димитриевски со неколку добри интервенции спречи повисока негатива. Во финишот на првото полувреме, Амдуни го постигна вториот гол за Швајцарија и најави во кој правец ќе се движи натпреварот.
Ниту во вториот дел Македонија не успеа посериозно да се закани кон голот на Грегор Кобел. Швајцарија продолжи да создава шанси, а во 74. минута Амдуни со својот втор погодок на натпреварот ги постави конечните 0-3. Напаѓачот на гостите беше најзаслужен за победата со два гола и една асистенција, додека Димитриевски со повеќе одбрани спречи уште поубедлив пораз. Македонија не упати ниту еден удар во рамките на противничкиот гол.
За Македонија ова беше првиот натпревар во Б-дивизијата од Лигата на нации, а во второто коло веќе во вторник гостува кај Словенија.












