Македонската кошаркарска репрезентација со убедлива победа на гостински терен кај Австрија ја отвори втората фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал доминираа во сите 40 минути од средбата во Виена и славеа с 91-59, а посебен печат остави Ненад Димитријевиќ, кој реализираше трипл-дабл.
Македонија уште во првата четвртина наметна своја игра и брзо дојде до двоцифрена предност 22-11. Доминациајта продолжи до истекот на воведните 10 минути, па на кратката пауза нашиот тим замина со убедливи 30-14.
По само две минути во вториот период, со тројката на капитенот Војдан Стојановски, Македонија поведе и со +22. Убедливата предност остана до полувремето, а нашиот тим имаше 49-30. Ненад Димитријевиќ ги држеше конците во нашата игра и првите 20 минути ги заврши со 12 поени, 9 скока, 5 асистенции и една украдена топка. Одличен ефект имаа Виктор Ефремовски со 10 поени, Стојановски имаше 7, а Мозес Рајт шест.
Уште еден експлозивен старт на третата четвртина донесе нова убедлива предност од 26 поени разлика. Австрија успеа да намали на 65-44 по 30 минути игра, но не го загрози сериозно нашето водство. Не ѝ требаше многу на Македонија да се врати на своето најдобро ниво па на три минути до крајот дојде до 30 поени предност. Конечниот резултат гласеше 91-59.
Нашиот најдобар играч Ненад Димитријевиќ беше „алфа и омега“ на паркетот па го заврши натпреварот со трипл-дабл, 15 поени, 14 скока и 11 асистенции. Виктор Ефремовски реализираше 17 поени, Мозес Рајт и Адем Мекиќ го завршија натпреварот со по 12 поени.
Во рамки на 2.коло коло од групата Ф, Македонија на 26 ноември ќе го пречека Кипар, кој исто така има победа против Австрија на домашен паркет. Само првопласираната селекцијата од групата ќе се пласира во главната фаза од квалификациите за Евробаскетот 2029 година.












