Еурофарм Пелистер со победа против Партизан ја отвори сезоната во новоформираната Регионална ракометна лига. Капитенот Филип Кузмановски одигра фантастичен натпревар и беше убедливо најзаслужен за триумфот на битолчани со 15 постигнати голови.
Македонскиот вицепрвак доминираше против гостите од Белград. Првото полувреме го доби со 20-13, а во вториот дел предноста достигна највисоки десет голови. Партизан се закани само во финишот, кога намали на 33-29, но Еурофарм Пелистер не дозволи пресврт и ја задржа предноста од четири голови за конечни 35-31.
Капитенот Филип Кузмановски одигра неверојатен натпревар со 15 голови и 11 асистенции. Вагнер со 10 погодоци беше најефикасен кај Партизан.
Ова беше воедно првиот официјален натпревар за битолчани сезонава и првата победа за Лино Червар на клупата на Еурофарм Пелистер. На спротивната страна седеше уште еден поранешен македонски селектор, Раул Гонзалес.
Во следниот натпревар од групата А, Еурофарм Пелистер повторно ќе игра на домашен терен, а противник ќе му биде црногорскиот Ловќен.












