Македонската фудбалска репрезентација ја продолжи серијата порази во Лигата на нации, откако вечерва загуби со 3-0 на гостувањето кај Швајцарија.
За нашата селекција тоа беше четврти пораз на четвртиот натпревар во Б-дивизијата, а Македонија и натаму останува без постигнат гол.
Во Луцерн, македонските фудбалери ги одиграа најдобрите 40 минути во овој циклус. Двапати се заканија кон голот на Швајцарија, преку Андреј Стојчевски и Димитар Митровски, но без конкретна реализација.
Домашната селекција поведе во 43. минута, кога Фабијан Ридер го искористи недоразбирањето во потесната одбрана на Македонија. Јоан Манзамби во 74. минута зголеми на 2-0, а конечните 3-0 ги постави Дан Ндоје во 81. минута.
Швајцарија останува лидер во групата 1 со максимални 12 бода по четири натпревари. Словенија се искачи на второто место со седум бода, откако вечерва славеше на гостувањето кај Шкотска со 2-1. Шкотска е трета со четири бода, додека Македонија е на последната позиција.
Следниот месец Македонија ги игра последните два натпревари во Лигата на нации: на 13 ноември гостува кај Шкотска, а три дена подоцна ја пречекува Словенија.












