Во Собранието денеска се расправа за измена и дополнување на Законот за основно и средно образование.
Според новите измени, во услови на вонредни околности учебната година да може да започне и да заврши во различно време за што треба да одлучи владата. Се додава и нов став, според кој во вонредни околности бројот на наставните денови во учебната година може да биде помал од 180, но не помалку од 100 наставни денови.
Во основното училиште во услови на вонредни околности, кога наставата е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите согласно здравствените протоколи за хигиена во училиштето. Во средните училишта ќе може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.
Во вакви околности, за времетраењето на часот и за максималната бројка на ученици во паралелките во основното и во средното образование ќе одлучува исто така владата.
Но, политички консензус меѓу власта и опозицијата за законите за образованието, нема. Според најавите опозицијата има критики на владините решенија и се очекува по комисиска расправа за утврдување на потребата за носење на овие закони да поднесе и амандмани.