В понеделник се планира собраниска седница, на која треба да бидат избрани 20 собраниски комисии. Се очекува да гласаат сите пратеници, бидејќи партиите постигнаа консензус и во работните тела има претседатели и членови од сите партии.
Предлогот беше утврден на седницата на Комисијата за избори и именувања, по неколкунеделно договарање меѓу координаторите на главните парламентарни партии. По осум комисии ќе раководат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, 3 добива ДУИ и 2 Алијанса. Во 20 комисии ќе има мнозинство владеачката коалиција, а во Комисијата за надзор на следењето на комуникациите мнозинство ќе има опозицијата. Формирањето на комисиите е предуслов за функционирање на Собранието и за носење закони.
На самиот почеток од собраниската седница, по предлог на спикерот Џафери, ќе биде донесена одлука за бројот и надлежностите на собраниските тела.
В понеделник треба да се верификува и мандатот на пратеничката Емилија Рамбабова, која ќе ја замени министерката Јагода Шахпаска.
Први закони што ќе ги разгледа Собранието се од образовната сфера, за да се стави во законска рамка одложувањето на почетокот на школската година. Веднаш потоа со дво-третинско мнозинство треба да се потврдат одлуките на Претседателот за прогласување вонредна состојба, донесени во период кога Парламентот не можеше да се состане и да одлучува.