Македонија Топ вести

Собрание без заседание

Утре или задутре, Комисијата за избори и именувања најверојатно ке го утврди предлог-составот на работните тела на Собранието. Оваа можност се отвара по денешните координативни средби и усогласувања меѓу четирите пратенички групи, на кои се надминуваат и последните разлики, поврзани со раководењето со Комисијата за европски прашања. Пленарната седница се очекува наредната недела. Од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека ќе дадат поддршка и во комисијата и во пленарката. Оваа поддршка може да значи и обезбедување кворум, бидејќи владеачкото мнозинство во моментот го нема.

Кревкото мнозинство од 62 пратеника остана со мандат помалку на крајот од август. Јагода Шахпаска си поднесе оставка и замина во Владата, а мандатот на нејзината наследничка Емилија Рамбабова остана неверификуван. Интегративецот Арбен Зибери, кој гласаше за избор на Влада во посебна просторија поради симптоми на Ковид 19, сега не може да присуствува на седница бидејќи завчера беше хоспитализиран со влошена здравствена состојба. Со тоа, власта има мнозинство за носење одлуки во Комисијата за избори и именувања, но не и во Собранието.

Аналитичарите сметаат дека пратениците треба да се искоординираат и да не го доведуваат во прашање кворумот за работа, барем кога е во прашање формирањето работни тела, бидејќи одговорноста ќе ја сносат сите.

Веќе два и пол месеци во државава не е донесен ниту еден закон ниту една уредба со законска сила. Собранието, конституирано пред повеќе од еден месец, успеа само да избере Влада. Итно треба да се изменат законите за основно и средно образование за да се озакони одложувањето на стартот на школската година, а итни се и други закони за санирање на економските последици од здравствената криза. Но пред се, треба да се формираат 20 собраниски комисии, со кои ќе почне ставањето на институциите, меѓу кои и на Собранието, во целосна функција.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иранската фудбалска репрезентација доби визи за влез во САД пред светското првенство

Дејан Дејан

Ерменија пред утрешните избори – Русија го зголемува притисокот врз прозападната влада

Дејан Дејан

Британскиот премиер Стармер, без да го именува Џ.Д Венс, ги критикуваше „луѓето кои се мешаат во нашата демократија“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе