Властите на главниот град предводени од градоначалникот Петре Шилегов денеска се сретнале со директорите на скопските средни училишта во пресрет на предизвикувачката учебна година. Со 23-те директори Шилегов и неговите соработници разговарале „за мерките што треба да се преземат во време на коранавирусот за да се обезбедат технички услови за непречено одвивање на онлајн настава која треба да започне на 1 октомври.“
Покрај тоа што го информирале како се подготвуваат за учебната година, дел од директорите се пожалиле и на проблемите со коишто се соочуваат како нестабилен интернет и мрежа, недостиг на компјутери и друга информатичка опрема. Компјутерско-информатичките услови се најважни за новата учебна година бидејќи во средните училишта првичен план е наставата целосно да се одвива онлајн.
-Во најкраток можен рок треба да проверите со какви капацитети располагате, односно човечки ресурси за да ви ја одржуваат мрежата и какви ви се интернет мрежите. Ви препорачувам да си помогнете со размена на обучен кадар, се со цел да обезбедиме квалитетна онлајн настава. Исто така, сметам дека треба да се подготвите за сите три можни сценарија, односно за онлајн настава, настава со физичко присуство и комбинирана настава – рече Шилегов на состанокот со директорите на училишта.
Шилегов рекол дека работат со луѓето од Министерството за образование и наука, но во овие нови услови на живеење не може да се најде совршено решение и дека сите треба да се обидат решенијата да ги бараат во од за да се заштити здравјето на децата.
Од кабинетот на Шилегов, дискусијата ја оценија како конструктивна и наведуваат дека заклучокот е да има уште една ваква средба пред стартот на учебната година.