Холандската атлетичарка Сифан Хасан на претстојниот Светски шампионат во Јуџин нема да настапи во три дисциплини што значи дека нема да атакува на подвигот што го направи на Олимписките игри во Токио каде три пати се искачи на победничкиот пиедестал.
Хасан во јапонската престолнина минатото лето освои две злата во трките на 5 и 10 илјади метри, а беше трета во трката на 1500 метри.
На првенството во Јуџин, Хасан сигурно ќе биде дел од трката 5000 метри, а се уште размислува за настап во втората дисциплина и во последен момент ќе реши дали тоа ќе биде на 1500 или 10.000 метри.
“Олимписките игри во Токио беа врв во мојата кариера и навистина е тешко да се повтори сличен подвиг. Искрено немам ниту мотив да настап во три трки, но и доколку сакате да имате долга кариера треба да правите селекција во настапите”, изјави Хасан за медиумите во Холандија.
Светскиот шампионат во Јуџин ќе се одржи во периодот од 15 до 24 јули.