Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски по вторпат побара од Апелациониот суд да биде ослободен за случајот со АКМИС системите.
Во жалбата Панчевски тврди дека доживеал психичка тортура како и тоа дека предметот против него е конструиран затоа што во него нема умисла, последица ниту оштетени.
Вишото обвинителство пак не се согласува со него и побара од Апелација да ја потврдат пресудата од три и пол години затвор.
Според обвинителството, од велешкиот суд нема суштински повреди во постапката што е основ за укинување на пресудата.
Панчевски е обвинет дека како претседател на скопскиот кривичен суд делел на рака судски предмети на подобни судии, наместо тие да бидат распределени по автоматскиот АКМИС Систем.
Врховниот суд по жалба на Панчевски ја поништи второстепената пресуда на скопскиот Апелационен суд и го врати процесот назад во Апелација. Врховниот суд оцени дека Панчевски не добил право сам да ги застапува своите аргументи пред апелационите судии. Веднаш потоа Панчевски беше ослободен од затворот во Шутка.
Во меѓувреме адвокатите на Панчевски поднесоа иницијатива до Уставниот суд за да расправаат за нееднаков судски третман кон него затоа што бил претседател на суд, но иницијативата беше отфрлена.
