Нешто повеќе од 430 денари за метар квадратен во строгиот центар на Скопје. Толку чини да се приватизира државно земјиште. Јавноста реагира, институциите немаат многу механизми за справување, а инвеститорите си ги бранат своите интереси. Во Антикорупциска веќе е отворен предмет за случајот со приватизацијата спроти „Нова Македонија“. Претседателката вели – да имаше јавно наддавање, граѓаните сами ќе си го купеа земјиштето.
„Имаме една држава чиишто институции не знаат да го одбранат нејзиниот имот. Прашувам која е целта на државата?! Дали е целта да распродаде сè по багателна цена? Внимавајте, по таа Уредба цената важи за цела Македонија. Исто е и во Дебар и во строгиот центар на Скопје и во било кој друг град. Треба да се ресетираме!“, вели Билјана Ивановска – Претседателка на ДКСК
Во ДКСК се истражуваа и други вакви случаи со атрактивно земјиште во центарот на Скопје, но засега институциите се инертни, нема казнивост, инспекциските служби некаде не ни излегле на терен, а прашање е и колку се спроведуваат донесените Решенија на инспекторите, коментира Ивановска. Во меѓувреме, градежниот инвеститор Етеми кој се најде прозван во јавноста вели дека во овој случај сè е чисто. Се повика на Уредбата која е од пред единаесет години.
Ние земјиштето сме го купиле со Уредбата што ден-денес е на сила. Не сум само јас, цело Скопје по таа приватизација купува, но единствено јас сум на тапет. Но, еве транспарентен сум – сите постапки коишто се во Град Скопје, по тој тарифник се продава односно се приватизира земјиште.“, изјави Фатмир Етеми – Инвеститор и сопственик на ЗСФ-КОМ
Што предвидува Деталниот урбанистички план за таа локација, одговори градоначалникот на Центар, Герасимовски. Во неговите канцеларии веќе пристигнало барање за спојување на две парцели и тоа дава појасна слика за објектот кој ќе се гради.
Во изминатиот месец февруари, до Општината е доставена Иницијатива за изработка на измена на Деталниот урбанистички план односно спојување на овие две парцели. Едната е со намена Б5, а другата А2, односно едната е домување, а другата е хотелски комплекс. Побарано е истите да се спојат во намена Б4 односно деловно-комерцијални дејности.“, вели Горан Герасимовски – Градоначалник на Општина Центар
Според информациите, Министерство за финансии го продало државното земјиште, а министерот тврдеше дека за случајот дознал од медиумите. Од Финансии тврдат дека набрзо ќе се направи промена во Уредбата и ова ќе биде последен случај во кој по оваа цена е приватизирано земјиште, а промената ќе донесе и пореални цени.
Петар Догов
