Владата испрати два закони во Собранието како интервентни.
Бара итна собраниска постапка за да се укине ДДВ за основните прехранбени производи, да се намали стапката на енергенсите и да се намали акцизата за нив, со цел – ублажување на ценовниот шок.
Пратениците велат дека се подготвени за дебата, ако треба и за време на викендот.
Власта повикува да се прифатат, а опозицијата најавува амандмани. ВМРО ДПМНЕ бара да се гласа за законите што тие ги предложија пред десетина дена, а се на дневен ред на 15-ти.
ВМРО ДПМНЕ исто така предлага ДДВ на прехранбените производи да биде 0 наместо 5%, а акцизата на горивата да се намали за 50 одсто.
СДСМ повика сите да бидат свесни за сериозноста на глобалната криза и за напорите на Владата.
Со свој предлог излезе и Алијанса. Бара акцизата да се намали од 22 на 15 денари за бензините и од 15 на 9 за дизелот, а ДДВ да се замрзне на цената од 28 февруари.
Вчера Владата промовираше сет од 26 мерки тежок 400 милиони евра. Уверува дека така ќе се заштити стандардот и куповната моќ на граѓаните.
Соња Николовска