ВМРО ДПМНЕ преку локалната власт почнува битка за придобивање странски и домашни инвеститори кои ќе обезбедат нови вработувања. Претседателот Христијан Мицкоски побарал од градоначалниците од неговата партија да упатат писма до сите странски компании кои мигрираат од кризните подрачја во Русија и Украина, да дојдат во Македонија. Пет од нив веќе имаат свои погони и кај нас.
Мицкоски посакува Скопје да стане лидер според технологијата во јавниот превоз. Најавува набавка на 100 електрични автобуси, но и фабрика за нивно производство, која би била база за снабдување на европскиот пазар.
На овој Отчет за сработеното во првите 100 дена, не присуствуваше градоначалничката Данела Арсовска, за да ги потврди овие најави. Но, тука беа 9 градоначалници од ВМРО ДПМНЕ од Скопскиот регион кои кажаа што направиле и што имаат намера да направат.
Тимчо Муцунски порача дека во првата година ќе отвори две нови градинки, а за четири години – четири градинки во Аеродром, а ќе се доградат и прошират и три основни училишта. Орце Ѓорѓиевски го стопирал предложениот ДУП за Расадник, во кој биле вцртани 99 згради и распишал меѓународен конкурс за идејно решение на овој дел од Кисела Вода.
Дарко Костовски најави изградба на корито и трим патека на реката Серава во Радишани и нова градинка во Климент Охридски. Според ВМРО ДПМНЕ, ширум Македонија почната е реализацијата на илјада и 90 проекти, од кои дури 166 се капитални.
Соња Николовска
Реакција на СДСМ на обраќањето на Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски треба да одговори во кое својство и во чие име најавува дека преговарал за нови автобуси за Град Скопје?
Како преговарал Мицкоски за оваа набавка со пари на скопјани? Како Јанушев и Груевски за кинеските автобуси?
Или како Гордана Јанкуловски и Груевски за „она на М“?
За сите овие криминални и корупцуски набавки има предмети пред судовите.
Мицкоски може 100 дена да прави скапи отчети, може да глуми заменик градоначалник, но факт е дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се најголемото разочарување за граѓаните, за општините и не работат ништо.
