И пред Њујорк, несудената конзулка Бесмира Ејупи имала искуство со наплатени финансии и хонорари од државни јасли, и тоа не едни туку од вкупно 5.
Ејупи за 13 месеци заработила околу 12 илјади евра, објави Фокус повикувајќи се на владината алатка Отворени финансии. Најмногу зела од Државното правобранителство водено од Фехми Стафа.
Во 11 реализирани трансакции за помалку од година дена, Ејупи била платена околу 4 илјади евра.
Хонорарите како што наведе Фокус цитирајќи одговор од државното правобранителство биле за „склучен договор на дело за вршење на студиско-аналитички и нормативно-правни работи, остварување на комуникација со медиумите, Владата и други државни органи, подготвување на стручни анализи за процесот на реализација на заклучоци на Владата… “

Во одговорот на државното правобранителство кое треба да ги штити интресите и парите на државата и на граѓаните не се наведени конкретни анализи и комуникации со медиуми и со владата направени од Ејупи.
Ниту на сајтот нема повеќе информации односно името на Бесмира Ејупи не може да се најде. Почудно е што од правобранителството тврдат дека била ангажирана за правење на анализи, а на официјалниот веб сајт последната анализа е направена уште 2020-тата година.
Државните приходи на несудената конзулка кои се објавени од отворени финансии предизвикаа интерес и во антикорупциската комисија.
СТАВ НА ДКСК за Бесмира Ејупи:
ДКСК ќе го разгледа прашањето за ангажирање на споменатото лице, во смисла каков вид на договори се склучувани, за да се процени основата за исплата на буџетски средства.
Ејупи според пресметките на Фокус, добивала пари и од општините Чаир, Сарај, Брвеница- раководени од кадрите на ДУИ како и од општина Петровец. Од општините добила околу 8 илјади евра хонорар за период од 13 месеци.
Името на Бесмира Ејупи се најде на затворена седница на влада на средината на февруари и мазно помина како предлог за конзул во Њујорк. Откако во јавноста се појавија прашањата и критиките за стручноста и исполнети критериуми за дипломатска функција на 28-годишната поранешна ТВ водителка, владата се повлече од предлогот со образложение дека имало конзул во Њујорк.
Од МНР никогаш не образложија кои се допломатските критериуми кои ги исполнила добро платената хонорарка ангажирана во 5 различни институции.
Миомир Серафиновиќ
