Младиот актер Петар Маниќ ја доби наградата за најдобар млад актер на Меѓународниот филмски фестивал за независни фимови во Севиља- Шпанија ( SEVIFF). Наградата му е доделена за неговиот уникатен актерски пристап во креирањето на улогата на Никола, во филмот „Стела”, чија режија ја потпишува Стојан Вујичиќ, а во продукција на „Дрим Фектори“, соопштија од оваа продуцентска куќа.
Оваа награда е петта по ред што ја освојува филмот „Стела“, со што се потврдува уште еднаш квалитетот на филмот, а воедно и успехот на македонската кинематографија во целост, потенцираат од „ Дрим Фектори“
Во реализацијата на овој прв и единствен македонски долгометражен филм за деца, е вклучена меѓународна екипа. Главен лик е младата шарпланинка Стела. Лауреатот Маниќ за прв пат се појавува на филм, а во него играат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и српската актерка Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит Парада.
Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Горѓи Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, монтажер е Данчо Стефков, а композитор Оливер Јосифовски од Љубојна.
Долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција помеѓу македонската продукциска куќа „Дрим Фектори“ (продуцент: Огнен Антов), српската продукција „Акција Продукција“ (продуцент: Јована Караулиќ) и германската „Моуна“ (продуцент: Никол Акер-ман).
Филмот доби финансиска подршка од Агенцијата за Филм на Република С.Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот фонд „Баден Вунтерберг“ од Штутгарт, Германија.