Најмалку 5 македонски семејства се отсечени и заглавени во Киев.
Семејството на Сашо Андонов сака да се евакуира, но добил само еден повик од МНР за да се обиде да стигне до Одеса. Но до таму има околу 700 километри. Андонов, сопругата и двете деца се во својот стан во источниот дел на Киев и не може да ја преминат реката за да стигнат до центарот.
-Ми се јавија вчера и ми рекоа дека може да се изврши евакуација од Одеса, но тоа е меѓу 650 и 700 километри оттука. Не може да се помине ниту кон центар кон амбасадите затоа што сите мостови се затворени и има полициски час. Мене ми се јавија 4 семејства македонски, пред малку ми се јави и уште еден,некои од нив не сум ги н знаел досега. Ако може да се организира некаков коридор кон центар за да може да поминеме, ни изјави телефонски Сашо Андонов кој е во Киев.
Ни опиша дека постојано слуша борби и дека нема скривници туку се кријат во ходник.
-Кога се слушаат сирени ние во нашата населба немаме скривници и седиме во ходникот на нашиот стан. Ако спијат јас ги будам и ги викам да се соберем во ходник. Се слушаат често пукотници, не се тука блиску ама се слушаат. Храна немаме освен она што е купено и складирано претходно. Не може да се излезе надвор поради полицискиот час. Нема ниту гориво за колите, ни објасни Андонов.
Телма контактира со уште неколку македонски државјани кои се во Харков, град кој изминатата ноќпретрпе жестоки борбн, руско заземање, па повтроно враќање во украински раце. Слушаат пукотници и ни изјавија дека е премногу опасно за тргнување на пат, како и дека контактирале со македонски дипломати за евакуацијата.
Од МНР соопштија дека две македонски семејства се евакуирани од Одеса со помош на бугарската влада. Потврдија дека претпладнево по 14 часовна операција успешно се евакуирани амбасадорот Крум Ефремов и тројца членови на персоналот на напуштената македонска амбасада. На граѓаните останати во Украина им препорачуваат или да дојдат до Одеса или да се префрлат на запад на Украина и да побараат помош од романски и унгарски конзулати.
Граѓаните кои се во можност треба да се упатат во западниот дел на Украина, кон Конзулатите на Романија во Солотвино и Чернаути, како и кон конзулатите на Унгарија во Узгород, Берегове и Мукачево.Од министерството информираат дека на овие локации ќе им биде пружена дополнителна помош и асистенција во насока на нивна евакуација од Украина преку овие земји.
За македонските државјани кои не оставиле свои податоци, МНР препорачува веднаш да го контактираат Министерството за да достават прецизни податоци и информации за нивната локација и состојба, со цел да се оствари можност да бидат дел од координацијата на процесот за евакуација.
Миомир Серафиновиќ