Новиот Закон за легализација на дивоградби заглавен во собраниска процедура. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски при денешниот увид во градежните работи на брана на река Отиња во Штип потврди дека Законот е доставен во Собрание и сега на потег се пратениците. Законот за кој јавноста имаше остри реакции и побара дебата, во два наврати се коригираше, беа вклучени експерти и еснафските здруженија, ги помина сите постапки. Министерот Бочварски сега очекува да го повикаат и да дебатираат за оваа законско решение, кое го чекаат граѓаните, но и државните и локални институции за легализација на патишта, училишта, далноводи.
Претседателот на собраниската Комисија за транспорт и врски, Владо Мисајловски за Телма потврди дека Законот пристигнал до нивната комисија, но пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин побарала Надзорна расправа за Законот за дивоградби. Морачанин најави дека иницијативата до Мисајловски ќе ја достави наредната недела.Зелено светло дале сите политички партии во законодавниот дом. Според неа Надзорната расправа треба да даде низа на одговори од институциите и здруженија, но и да се понудат нови законски решенија,бидејќи очигледно е дека актуелниот закон кој е во сила 10 години не го сопре урбанистичкиот хаос.
Морачанин смета дека надзорната расправа може да даде и насоки за подобрување на другите сродни закони, а се со цел да се утврди кои се пропустите на институциите, дали постапувале соодветно на терен, бидејќи на локалните власти една од најслабите карики се инспекциските служби. Градежни инспектори во големите општини има по еден или двајца, а во помалите руралните и ниту еден. Носењето на Законот за легализација на дивоградби ќе се одолжи за неколку месеци.
Викторија Димитрова Јованова