Битолчани денеска на пладне чекаа ред на пунктот за серолошко тестирање на плоштадот Магнолија за да проверат каков имунитет имаат на КОВИД -19. Битола е првиот град после Скопје, каде денеска почна скрининг по случаен избор, кој треба да даде податоци за имунитет на населението.
-Самоиницијативно дојдов, да проверам, не сум вакциниран, прележав и имав доста антитела, рече битолчанец.
-Прележав лани во декември, имав многу антитела, да видам колку има сега, не сум вакцинирана, рече битолчанка.
-Сакам да проверам како е состојбата, вакциниран сум со 3 дози, рече друг битолчанец.
Вкупно ќе бидат тестирани 3000 граѓани, од кои 1000 во Скопје, а другите во останатите градови низ државата. Оваа анализа на здравствените власти ќе им помогне за планирање на идните мерки.
-Се зависи од имунолошката состојба на нашите граѓани. Доколку добиените резултати над 70 проценти вкупна имунизација, тогаш можеме да кажеме дека почнуваме со олабавување, односно олеснување за нормално функционирање на нашите граѓани, рече министерот за здравство Беким Сали
Министерот Сали рече дека само еден ученик е позитивен на КОВИД-19 на скринингот кој почна вчера во скопските училишта, кој се спроведува на предлог на Комисијата за заразни болести поради зголемување на бројот на инфицирани деца на возраст од 6 до 14 години
-Од направени 200 анализи во текот на вчерашниот ден, добивме само 1 позитивен резултата. Се надевам дека анализата ќе потрае уште 2-3 дена во Скопје, затоа што тука беше поголемиот број на ново инфицирани. Ако е таков бројот и во другите делови на Скопје, во тој случај нема потреба да се продолжи со анализите, рече министерот Сали.
Во земјава вакцинирани се 41 процент од вкупното население. Сега со серолошките анализи се очекуваат резултати колку од граѓаните стекнале имунитет на природен начин, односно со прележување на болеста
Емилија Мисирлиевски