Емотивно и со солзи во очите, велешанката Павлинка Иловска ги помина првите мигови како слободен човек по неколкумесечната голгота.
Ослободена е од обвинението и пуштена од куќен притвор.
Велешкото обвинителство не отстапи од тоа дека Иловска се товари за кривично дело ‘убиство на миг’ и покрај укажувањата на експертите дека треба да се гони за дело што го направила во самоодбрана.
Но, по вчерашното прво рочиште и изнесените докази, денес судијката Габриела Гајдова ја прочита пресудата во корист на обвинетата.
Адвокатот е задоволен од пресудата, но на новинарско прашање дали таа сега стравува за својот живот поради одмазда – одговори потврдно.
Тој уште на вчерашното, прво рочиште на кое Пале се изјасни дека не се чувствува виновна, побара од Судот укинување на мерката куќен притвор и ослободителна пресуда.
„Имавме правично и фер судење. Врз основа на сите изведени докази во целина, Судот правилно ја утврди фактичката состојба и донесе законита одлука ваква каква што имаме сега. Сакам да напоменам дека со ваквиот потег од страна на Судот, би го нарекол охрабрувачки, се докажа дека членот 9 од Кривичниот законик не е само паушално наведен во законот, туку дојде и до примена на истиот“ изјави Димитар Петрулев, адвокат на Павлинка Иловска.
Овој случај беше следен со огромен интерес од јавноста и невладини организации.
Речиси сите апелираа и укажуваа дека Пале Иловска треба да се товари за кривично дело коешто е направено од нужна одбрана, односно дека таа го убила својот невенчан сопруг во моменти кога била во паника за сопствениот живот.
Од Хелсиншкиот комитет денес побараа институциите внимателно да продолжат да го следат целиот овој случај и алармираат дека има закани по животот на сега веќе ослободената Иловска.
„Во вчерашното сведочење, Иловска изјави дека до неа стигнале информации дека колега на починатиот полицаец сакал да ја одмазди неговата смрт. Апелираме до Јавното обвинителство веднаш да покрене постапка по допрен глас и да превенира понатамошно насилство врз една долгогодишната жртва, која не добила заштита од институциите” – оцени Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Повеќегодишната семејна голгота на Иловска со партнерот и полицаец Александар Ристовски во септември минатата година доби свој трагичен крај, кога таа нападната и истепана, се обидела да се одбрани од Ристовски кој под дејство на алкохол започнал и да ја дави.
Потоа Иловска посегнала по било каков предмет за да се спаси, дофатила кујнски нож и му нанела фатална повреда на партнерот во пределот на градниот кош.
Петар Догов