Општина Центар нема да толерира отстапки од законските прописи. Ова предизборно ветување го повтори градоначалникот Герасимовски, презентирајќи ги денеска резултатите од 100 дена на функцијата, во делот на урбанизмот.
Тој посочи пример за отстранета дивоградба.
“На улицата „ Самоилова“, на Кале веќе отстранивме нелегално изграден објект на непознат инвеститор. Стануваше збор за објект од втора категорија , со димензии 10 метри на 5 и пол метри, изграден од армирано – бетонска конструкција” – изјави Герасимовски..
Градоначалникот потпишал 100 решенија за правна сопственост на објекти кои чекале легализација 10 години.
А, се очекува наскоро да бидат донесени 3 од 10 ДУП-а , што се во фаза на носење.Меѓу нив се ДУП-овите за „ Клинички центар“, „ Маџир маало“ и „ Крњево“. Но, согласно сугестиите од Министерството за транспорт и врски ќе има корекции на 2 ДУП-а.
Поради измени во идејното решение за градба, за сега нема барања за дозволи за градење на останатите 2 локации кај Холидеј Ин.
Но, поднесено е барање за градење, согласно ДУП- от Г- 07 (за Водно и Капиштец), рече Герасимовски.
“Поднесено е барање. Таму е усогласен ДУП-от со ГУП-от. Таму немало ни претходно мораториум на тој дел Г- 07. Знаеме дека на улица „ Козара“ се гради доста. Имаше барање за дополнителни суспензии. Ги разгледуваме можностите како понатаму ќе течат сите работи” – вели градоначалникот на Центар.
За 100 дена на функцијата градоначалник на Центар, дал 2 градежни дозволи. Дадени се со проверки и детални испитувања на барањата.
И во иднина ќе се проверуваат барањата, за да се утврди дали ќе се гради во шума или не, што ни е болна точка на сите.
1008 нискостеблести садници се засадени на улицата „ Орце Николов“, а на „ Боемска“ , се поставени 50 жардињери, дополни градоначалникот.
Сотир Трајков