Вести Македонија Топ вести

Преговорите меѓу МНР на Бугарија и на Македонија остануваат тајна

Втор ден во Софија експертиските тимови на министерствата за надворешни работи на Македонија и на Бугарија преговараат за политичките прашања без кои Бугарија нема да дозволи старт на преговорите на земјава со Европската унија. Но освен темите за кои се преговара – сузбивање на говорот на омраза, рехабилитација на прогонетите Бугари од страна на комунистичкиот режим во Македонија, бришењето на „бугарски фашистички окупатор“ од спомениците, но и впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав, се друго останува тајност.

„Во дипломатијата не е тоа невообичаено, но јас лично сметам дека тоа е контрапродуктивно, особено кога се работи за толку важби прашања. И на крајс е ќе се обзнани што ќе биде решението“, смета политичкиот аналитичар Александар Кржаловски.

Кржаловски кој смета дека притисокот во преговорите е ставен на македонската страна да се прилагоди на бугарските барања, а не обратно, повлече и паралела на овие преговори со тие за решавањето на спорот со Грција.

„Ако се потсетиме како одеше тоа со Преспанскиот договор, на крајот голем дел од граѓаните не беа задоволни од резултатот и сега се покажува тоа – денеска да направиме референдум веројатно ни 100.000 луѓе да гласаат знаејќи што беа ефектите. Затоа сметам дека поголема транспарентност и појасни изјави во јавноста и почести всушност повеќе ќе придонесат за решение отколку да се држи вака во тајност“, смета Кржаловски.

Но освен за текот на преговорите во тајна се држи дури и тоа, од колку члена е составен и кој е на чело на тимот кој два дена преговара со бугарската страна за клучните политички теми. Телма побара таква информација од МНР, но досега без одговор. Без одговор е и прашањето дали истовремено се преговара за сите пет прашања или едно по едно и кое е во моментов на преговарачката маса.

Тајноста оди до степен што шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, пред две недели ниту на пратениците во Собранието не им кажа што одговорила македонска страна на бугарските барања, ниту каков е бугарскиот одговор на нив.

Премиерот Димитар Ковачевски пак на став дека јавноста ќе биде информирана кога за тоа ќе дојде време.

„Политичките прашања се предмет на разговор на министерствата за надворешни работи. Тие денеска имаат состанок во Софија и кога комисиите ќе имаат што да изјават, тогаш тоа останува на нив заеднички да го направат“, изјави Ковачевски.

Воздражаност во информирање има и од бугарската страна, од каде освен повторување на што инсистира Бугарија, нема детали до каде се преговорите. Новина од Софија е единствено тоа што таа барањето кое бугарскиот претседател, Румен Радев, и го испорача во октомври на земјава за впушување на Бугарите во македонскиот Устав, само четири месеци потоа, го презентира како барање на Бугарите во Македонија.

„Бугарија продолжува да го поддржува легитимното барањето на Бугарите во Северна Македонија да бидат вклучени на еднаква основа со другите државотврни народи во нејзиниот Устав“, изјави Генчовска.

Но освен тоа, ни од бугарска страна ни збор за текот на разговорите, иако нивната министерка е оптимист дека наскоро може да се постигне решение, но само со целосно почитување, како што вели, на рамковна позиција на бугарската влада, декларацијата на собранието и одлуките на Националниот совет на Бугарија по прашањето за Македонија.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Заседава ЕП на дневен ред неделава и извештајот на Вајц за земјава

Дејан Дејан

Родителите на починатите деца од пожарот во „Пулс“ чекаат одговор на барањата

Дејан Дејан

Трамп испраќа писма со нови царини до трговските партнери

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе