Скопјани од денеска за итни повици ќе можат да вратат на бројот 112. Почнува да функционира телефонската линија како единствен повикувачки број кој важи на целата територија на Европската Унија. Наместо досегашните 192, 193, 194 и 195, односно полиција, брза помош, противпожарна единица или Центарот за управување со кризи, граѓаните со едноставно вртење на 112 можат да ја добијат која било услуга, односно доколку имаат каков било итен случај и потреба од државата.
За почеток, телефонскиот број 112 ќе функционира само на територијата на Скопје. Откако ќе се тестира системот, по десеттина дена ќе започне со работа и на територија на цела држава бидејќи се работи за комплексен систем што во себе обединува неколку различни субјекти, министерства, противпожарните единици кои што со Устав се децентрализирани односно се во надлежност на самите општини и итната медицинска помош.
– На единствениот повикувачки број граѓаните ќе добиваат услуга без разлика за каква опасност се работи. Нашиот оператор во реално време веднаш ја гледа локацијата од којашто го добива повикот без разлика дали се работи за фиксна телефонска линија или мобилна телефонска линија. Со внесување на податоците во системот во компјутерот со стискање на едно копче истовремено овие информации одат на трите места и во полиција, и во брза помош и во противпожарна единица со што во иднина на граѓаните ќе им биде олеснето, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на денешната промоција на линијата за итни повици.
Системот ќе започне со работа во осум оперативни центри, покрај Скопје тој ќе функционира и во Тетово, Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид и Битола, сите опремени согласно европските директиви за оваа намена.