Обвинетите во „Титаник“ за злосторничко здружување и кривични дела поврзани со изборни злоупотреби Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Миле Јанакиески и уште петмина други признаа вина на денешното рочиште.
Судењето за „Титаник“, каде првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, почнува од почеток по третпат поради смена на поротник, и овој пат осум обвинети ја искористија шансата да се изјаснат како виновни.
Јанакиески и Протоѓер не признаа вина само за злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања, едно од кривичните дела за кои се обвинети.
Се очекува денеска да продолжи судењето и доказната постапка за осуммината кои признаа вина, додека за останатите обвинети кои се изјаснуваат како невини, судењето продолжува на 9 март.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.